Франција отсекогаш била земја којашто ги имала најсилните алатки и водечки искуства во областа на модата. Париз се смета за светско одредиште на префинетиот вкус и престижно место за поимот елеганција. Париз е познат и по својот дух на слобода, смелост и креативност, дел од мноштвото елементи благодарение на кои француската култура високо котира во светски рамки.

„Модата е во воздухот, носена од ветерот, ја претчувствуваме, ја дишеме, таа е низ облаците и врз калдрмите, таа е проткаена низ идеите, низ навиките, низ случувањата“, велеше Габриел Шанел, дефинирајќи го на тој начин личниот нејзин став кон модата низ времето.

Низ изложбата е претставен работниот процес „мулаж“, кој ги обединува модните техники и уметноста на скулптурата.

Младите, љубопитни и бројни, го исполнија просторот на Францускиот институт на отворањето на изложбата „Низ процесот на моделирање и изработка на креации“.

Моделизмот е архитектура на облеката, изјави Изет Цури, Директор на Интернационалниот институт за мода, а г-дин Емануел Рембер, Директор на Францускиот институт во Скопје, ги изложи причините поради кои Францускиот институт ја поддржа оваа активност.

Г-ѓа Доминик Брине, професорка и моделистка, им се заблагодари на младите талентирани студенти од Интернационалниот институт за мода.

Ханифе Билали, чијшто престој во Париз го помогна Францускиот институт, ја претстави изложбата „Кристијан Диор, модниот дизајнер од соништата“

Настанот се организираше во соработка од Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ со Францускиот Институт во Скопје.