IZET CURI

  • MODELISM
  • STYLISM
  • SEWING
  • TAILORING

Никола Ефтимов

Никола Ефтимов е роден во Скопје на 06-ти октомври, 1968 година. Дипломира во 1993 година на Факултетот за ликовни уметности (графика и модно креирање) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрира моден дизајн (Модата како уметност, на тема ,,Ексцентричноста и правилата: Екстравагантниот машки костим во последните три века“) на „Академија Италијана“ во Фиренца, Италија, во 1998 година.

Повеќедецениското искуство опфаќа работа како дизајнер во модната индустрија, дизајн студија, дизајн платформи и интернационални сервиси за модни предвидувања во земјата и странство, графички дизајнер во адвертајзинг компании и маркетинг одделенија на компании, ликовен уметник, костимограф на театарски претстави, музичко-театарски перформанси, балетски претстави итн, раководење со сопствена фирма за моден дизајн и продажно место и редовно презентирање модни колекции.

Никола Ефтимов има големо искуство на академското поле. Тој работел како предавач и директор за настава на „Академија Италијана Скопје“ (2006-2009), визитинг професор на факултетот за Арт и дизајн при „Првиот Приватен Универзитет – Европски универзитет“ – Република Македонија (2009-2011 год.) во Скопје, доцент на „Првиот Приватен Универзитет ФОН“ во Скопје (2017-2018 год.) и учествувал во многу едукативни програми од неформалното образование во соработка со државни и приватни институции од областа на културата и високообразовни институции (Универзитет „Евро-Балкан“, „Сеавус центар за едукација и развој“, Музеј на современата уметност во Скопје итн).

Со предавачка дејност се занимавал и во странство. Тој бил ангажиран како предавач на Меѓународниот дизајн институт „Чанапат-Академија Италијана“ во Бангкок, Тајланд (2005-2006 год.) и визитинг професор на „Академија Италијана Тајланд“ (2007 год.).

Покрај големиот број на самостојни и групни модни презентации во земјава, Никола Ефтимов учествувал на модни ревии во странство и бил дел од различни модни проекти (гостин на ревија на Саемот за мода во Лајпциг во Германија, гостин на ревија со победничкиот дизајн од натпреварот организиран од „Кока Кола“ во Фиренца, советник за млади дизајнери на Модната недела во Бангкок, дизајнирал колекција на венчални и вечерни фустани за специјализирана фирма од Сингапур, соработувал со сервис за модни предвидувања од Њујорк, работи дизајни за неколку интернационални дизајн платформи итн).

Во текот на долгата кариера тој ја имал можноста да работи како костимограф за избрани премиерни поставки во неколку театри и фестивали во земјата како: Македонскиот народен театар, Албанската драма, Фестивалот „Скопско лето” итн.
Никола Ефтимов учествува на повеќе групни ликовни изложби, а во 1997 година ја добива наградата за цртеж на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје („Македонски цртеж ’96“).

Во 2004 година тој е прогласен за „Дизајнер на годината за 2003-та година“ (награда од македонските медиуми), во 2005 година тој е победник на модниот натпревар организиран од „Кока Кола“, а во 2006 година е избран за предавач на годината на одделот за мода на Интернационалниот дизајн институт „Чанапат-Академија Италијана“ во Бангкок, Тајланд.

Content is protected. Right-click function is disabled.